Прескокни до содржината

Шар Планина заслужува да биде национален парк но локалното население треба соодветно да се информира за бенефитите од идно заштитено подрачје

adminНастани

Македонското еколошко друштво во соработка со Институтот за развој на заедницата од Тетово организираше трибина по повод повторно актуелната иницијатива за прогласување на Шар Планина за национален парк на тема „Зошто Шар Планина заслужува да биде национален парк?“. Оваа трибина беше одржана во рамки на компонентата за заштитени подрачја од тековниот проект Програма за закрепнување на балканскиот рис.

-  Македонија, според препораките од меѓународните конвенции, се има обврзано дека процентот на заштитени подрачја во земјава ќе го зголеми. Иницијативата за прогласување на Шар Планина за национален парк постои долго време. Иако на политичко ниво има исчекор сепак процесот мора да се одвива паралелно и на локално ниво. Локалното население треба да се запознае со вистинските информации но и да разбере дека националниот парк може да донесе бенефит и развој во регионот, изјави Љубчо Меловски, универзитетски професор и член на МЕД.

Според Тиз Гертц од Германската фондација Еуронатур, поддршката на невладините организации од регионот кои работат на полето на заштита на природата и промовирање на природните вредности на Шар Планина ќе продолжи и понатаму.

На трибината присуствуваа педесетина учесници, главно членови на невладини организации и претставници од шесте општини кои гравитираат на Шар Планина. Трибината почна со презентации за бенефитите околу тоа што значи да постои заштитено подрачје во регионот, природните вредности кои ги поседува Шар Планина и сите реализирани активности на МЕД за заштита на овој планински масив. На трибината беше претставена и листа на вкупно 43 локални организации, планинарски друштва и индивидуалци коишто позитивно одговориле на анкетата дали во изминатите 15 години работеле на проекти и активности поврзани со промовирање на природните вредности на Шар Планина и заштитата на природата.

На дебатата учесниците имаа шанса да постават прашања и да ги изнесат потенцијалните проблеми со кои се соочува природата на Шара. Заклучок од оваа средба е дека локалното население не е доволно информирано за предностите кои ги нуди едно заштитено подрачје. Учесниците се сложија дека вакви слични дебати треба да се организираат со присуство на жители од селата на Шара со цел да се запознаат со целиот процес на прогласување на национален парк, неговиот бенефит и евентуалните ограничувања.