ЈАВЕН ОГЛАС за ангажирање консултант за прибирање финансиски средства и надворешна соработка


Назив на ангажманот: Консултант за прибирање финансиски средства и надворешна соработка (физичко или правно лице)
Локација: Скопје, со можност за работа на терен и онлајн
Тип на договор: Консултантски договор (до 40 работни дена во периодот декември 2025 – октомври 2027)
Рок за пријавување: 21.12.2025
1. ЦЕЛ НА АНГАЖМАНОТ
Консултантот за прибирање финансиски средства и надворешна соработка, обезбедува стручна поддршка за финансиска одржливост на Мрежата за искуствено учење (МИУ), преку развој и спроведување активности за „fundraising“, партнерства и видливост. Главната цел е да се зајакнат изворите на финансирање, да се прошири мрежата на донатори и партнери и да се обезбеди континуирано функционирање и развој на МИУ.
2. ГЛАВНИ ЗАДАЧИ И ОДГОВОРНОСТИ
Консултантот ќе работи во тесна координација со проектниот тим на МИУ и релевантните партнери и ќе биде одговорен за следниве задачи:
2.1. Координација и комуникација
- Внатрешна координација и редовна комуникација со проектниот тим на МИУ (онлајн и состаноци со физичко присуство).
- Учество на координативни и работни состаноци со партнерите на мрежата.
- Соработка со одговорното лице за комуникации и консултантот за социјални медиуми.
2.2. „Fundraising“ и донаторски односи
- Истражување и комуникација со постојни и потенцијални донатори (приватен сектор, фондации, повици/грантови преку НВО сектор).
- Подготовка на стратегија и план за комуникација со потенцијални донатори.
- Организирање средби и посети до компании и донатори и претставување на МИУ на јавни и донаторски настани.
- Мапирање на потенцијални донатори и извори на финансирање.
- Ангажираниот експерт, во име и за потребите на Мрежата за искуствено учење, ќе биде должен активно да комуницира со потенцијалните донатори, да иницира и остварува средби со нив и да обезбедува финансиски средства за поддршка на програмите и активностите на Мрежата.
2.3. Развој на материјали и настани
- Креирање информативни и промотивни материјали за донатори, вклучително и кратки насоки и материјали за секоја од МИУ членките.
- Подготовка на покани, агенди и содржини за донаторски настани и презентирање на резултати.
- Планирање и организација на три годишни донаторски конференции на МИУ (вкупно 3 конференции).
2.4. Генерирање приходи и нови модели на услуги
- Обезбедување корпоративни партнерства (спонзорства, услуги со надомест).
- Пилотирање брзи активности за остварување приходи (на пр. платени бизнис работилници) и спроведување најмалку една пилот активност.
2.5. Јакнење капацитети и известување
- Обука на партнерските организации на МИУ за управување со одржливи извори на приходи.
- Подготовка периодични извештаи за напредок, постигнати резултати и препораки, согласно договорената методологија и формат на МИУ.
3. КВАЛИФИКАЦИИ И ИСКУСТВО
За ангажманот може да аплицираат физички и правни лица (консултанти, фирми, агенции) со релевантно искуство.
Минимални услови:
- Завршено високо образование (економија, менаџмент, маркетинг, комуникации, општествени науки или сродни области).
- Најмалку 5 години релевантно искуство во „fundraising“, развој на проекти, донаторски односи и/или корпоративни партнерства.
- Искуство во работа со приватен сектор, фондации, меѓународни донатори или грант програми.
- Докажано искуство во подготовка стратегија/план за финансиска одржливост или слични документи ќе се смета за предност.
- Одлични пишани и усни комуникациски и преговарачки вештини на македонски и англиски јазик.
- Способност за самостојно планирање, организација на состаноци и настани, и работење со повеќе засегнати страни.
За правни лица:
- Регистрирана дејност поврзана со консалтинг, „fundraising“, стратешки развој или сродни услуги.
- Релевантно портфолио на реализирани проекти и клиенти.
- Можност да обезбедат тим со соодветни експертизи, доколку е потребно.
4. ВРЕМЕТРАЕЊЕ И ОБЕМ НА АНГАЖМАНОТ
Ангажманот се проценува до 40 работни дена во периодот декември 2025 – октомври 2027 година, со можност за прилагодување на динамиката на работа во согласност со потребите на проектот.
Работата ќе се одвива преку комбинација од:
- Состаноци со физичко присуство и онлајн состаноци во Скопје,
- Координација со проектниот тим и партнерите,
- Теренска работа во земјата, доколку е потребно.
5. НАДОМЕСТ
Консултантот ќе добива дневен надомест за сработени денови, во согласност со нивото на искуство, профилот на кандидатот и расположливите буџетски средства. Конечниот износ ќе се договара со избраниот консултант/фирма.
6. КАКО ДА АПЛИЦИРАТЕ
Заинтересираните физички и правни лица треба најдоцна до 21.12.2025 да ги испратат следните документи во електронска форма на електронските адреси minova@mes.org.mk и arsovska@mes.org.mk, со предметен наслов на пораката: „Апликација – Консултант за прибирање финансиски средства и надворешна соработка МИУ“.
За физички лица:
- Професионална биографија (CV).
- Кратко мотивациско писмо (до 1 страница), со осврт на релевантно искуство во fundraising и партнерства.
- Кратко портфолио/опис на претходни проекти или ангажмани поврзани со fundraising и донаторски односи.
- Методологија за спроведување на ангажманот
- Предлог дневен хонорар (бруто).
- Контакт од 1–2 референтни лица.
За правни лица:
- Профил на фирмата („company profile“).
- Кратко мотивациско писмо/интерес за соработка со опис на предлог-пристап.
- Методологија за спроведување на ангажманот
- Портфолио со релевантни проекти и клиенти.
- Финансиска понуда (дневен/пакетен хонорар).
7. ПОЛИТИКА ЗА НУЛТА ТОЛЕРАНЦИЈА
Македонското еколошко друштво (МЕД) спроведува политика за нулта толеранција за сексуална експлоатација и злоупотреба (СЕЗ). Сите вработени, стручен кадар и ангажирани соработници се обврзани да се придржуваат до највисоките стандарди на лично и професионално однесување и да ги почитуваат правата и достоинството на корисниците и ранливите групи во заедницата.
8. ЗА НАС
Македонско еколошко друштво (МЕД) е најстарата граѓанска организација од полето на животната средина и природата во Македонија, со посветен тим кој работи на истражување и зачувување на биодиверзитетот. Нашата мисија е да го заштитиме и промовираме уникатното природно наследство на национално ниво, преку научни истражувања, едукација, вклучување на заедницата и меѓународна соработка.
Преку Мрежата за искуствено учење (МИУ) заедно со партнерските институции развиваме и спроведуваме искуствени едукативни програми за деца и млади, со фокус на природните науки, животната средина и климатските промени.