Прескокни до содржината

10 години ПреспаНет

ksenijaНовости

Прославивме десетгодишнина од формирањето на ПреспаНет

Мрежата за одржлив развој на прекурганична Преспа

Со гордост најавуваме дека ПреспаНет, мрежата на еколошки невладини организации посветени на зачувување на природното и културното наследство на прекуграничниот слив на Преспанското Езеро, наврши 10 години постоење! Основана во 2013 година од три организации со богата историја на зачувување на природата во регионот – ние, Друштвото за заштита на Преспа од Грција и Заштита и зачувување на природната средина во Албанија – ПреспаНет значајно го унапреди зачувувањето на регионот.

Неколку од значајните достигнувања на мрежата се поефективниот ангажман на локалните заедници и регионалните засегнати страни преку формирањето на канцеларии во Преспа на сите три страни од сливот, заедничкото зачувување на ретките животински и растителни видови и живеалишта во регионот и развојот на Прекуграничната стратешка рамка за зачувување на Преспа, која ги истакнува приоритетите за невладините организации во заштитата на скапоценото природно наследство на областа.

За да ја одбележи својата 10-годишнина, ПреспаНет организираше уникатен настан на тромеѓето, во срцето на Големото Преспанско Езеро. Ова е точката на која се пресекуваат трите граници и точката од која започнува нашата соработка! Држејќи се за раце, ја потврдивме нашата посветеност за зачувување на уникатниот карактер на Преспа и ветивме дека ќе продолжиме цврсто да работиме со партнерите, властите и локалните заедници за да обезбедиме одржлива иднина на ова непроценливо еколошко и културно богатство.

Сместен на раскрсницата на Албанија, Северна Македонија и Грција, регионот на Преспа е уникатно еколошко богатство кое е дом и на извонреден биодиверзитет и на богато културно наследство. Мисијата на ПреспаНет е да ја зачува природата и  за луѓето и за дивиот свет. Во текот на изминатата деценија, ПреспаНет неуморно работеше на зајакнување на прекуграничната соработка помеѓу невладините организации и органите за управување со заштитените подрачја. Мрежата отсекогаш истакнувала дека соработката е клучна за успехот на напорите за зачувување и негувала блиски партнерства со сите власти одговорни за зачувување на извонредната природа, пејзаж и култура на сливот.